Миленкоски: „Со Португалија и Израел ќе се водат главните битки за следната фаза“
Селекторот Јошко Миленкоски по вторпат ќе ги предводи најдобрите македонски одбојкари на едно големо натпреварување – ЕвроВолеј 2026.
Стратегот, како и комплетната репрезентација, е свесен за силината на противниците со кои се соочуваме во групата Б во Софија, па поради тоа отворено зборуваше за очекувањата од пресметките со нив на денешната средба со медиумите.
„Европското првенство кое ни престои е голем предизвик за нас, најголема манифестација во нашиот спорт каде што ќе продефилираат најдобрите светски одбојкари, а репрезентациите се од врвот на светската одбојка. Само да ве потсетам дека Полска, Бугарија и Украина се меѓу првите 10 рангирани репрезентации на ФИВБ листата, Полска е актуелен европски првак, освојувач на ВНЛ 2026, Бугарија е светски вицешампион, Украина во Лигата на нации оваа година ги победи Италија и Бразил и играше во самата завршница Ф6 во Кина. Португалија и Израел се добро познати противници против кои сме играле, особено Израел, кои се исто така од самиот врв во европската одбојка и играат во завршниците на Европските лиги. На сите ни е јасно дека играме во најтешката група од сите на ова ЕП, но во рамките на овие подготовки ние, работевме во идеални услови, скоро еден месец сме на подготовки, одигравме и три пријателски натпревари, кои мислам дека се доволни за добро претставување на ова ЕП. Искрени да бидеме и ние самите сме свесни дека и првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска ќе ни бидат можеби подготвителни за она најважното што следи – дуелите со Португалија и Израел. Секако и против првите тројца ривали нема да се откажеме и ќе ја играме нашата најдобра игра, иако се работи на светски велесили, меѓутоа веруваме во нашиот квалитет и нашата желба е достојно да ги претставуваме нашата држава, нашата Федерација и нашиот спорт, а и поради лична афирмација на самите играчи. Тоа беше она што не водеше низ напорните, сеопфатни и квалитетни подготовки и она што е најважно само можам да ги пофалам за односот, трудот и енергијата и заедно со стручниот штаб направивме извонредни подготовките и можам да кажам дека сме подготвени. Резултатите ќе покажат колку сме подготвени, но сето тоа не зависи само од нас, зависи и од противниците за кои зборувавме се во суперлативи.
Бидејќи нагласи дека последните два натпревари со Португалија и Израел ќе се клучни, следеше новинарско прашање за тоа дали ќе се калкулира во првите три натпревари на ЕвроВолеј против изразените фаворити.
„Споменав дека клучни за понатаму се Португалија и Израел, додека првите три дуели ќе дојдат како подготовка, меѓутоа на ЕП, се разбира треба да се дава максимум на секој меч. Поради психолошката стабилност на играчите, поради борбениот дух кој треба да се гради во текот на натпреварите и не треба со калкулации да се излезе против Бугарија, Украина и Полска. На тие три натпревари ќе имаме можност да пробаме повеќе играчи и во клучните дуели да влеземе поподготвени. Сигурно и целата европска одбојкарска јавност знае кои се фаворити на ЕП, а овие три кои ги споменавме без дилеми се фаворити за самата завршница. Свесни сме за тоа и им ја препуштаме фаворитската улога, но наше е и ќе бидеме задоволни ако го дадеме најдоброто од нас во тие дуели и ако го одиграме нашиот најдобар натпревар против еден од овие ривали. Верувам дека и самите Португалија и Израел ќе ги насочат силите во дуелите со нас и сигурен сум дека таму ќе се води главната битка за пласман во следната фаза.“
Миленкоски најави и дека ова ќе биде последно големо натпреварување на кое ќе ја предводи Македонија.
„Генералниот секретар најави дека сака да продолжиме заедно да го градиме овој наш спорт меѓутоа можеби од некоја друга улога. Не е сега време, но за мене посебно ова ќе биде последна акција со македонската репрезентација на едно вакво големо натпреварување затоа што мислам дека беше доволно и треба работата да ја превземат тренери кои веќе подолг период работат, ги обучуваме и се стигнати до степен кога може да ја водат селекцијата. Секако ние ќе бидеме тука да помогнеме. Но, идејата и моите моментални мисли се такви – по долги години работа со оваа репрезентација, многу Европски лиги, многу квалификации за ЕП и еве сега второ учество на ЕП мислам дека дојде моментот кога треба да се каже доволно е и да се помогне, но од друг аспект. Се надевам дека и во тој дел ќе бидеме успешни и нашата успешна приказна ќе продолжи понатаму“, нагласи Јошко Миленкоски.