Крушево е еден од најпознатите одбојкарски центри во Македонија и иако во моментов нема активни клубови во градот, тој останува како идеална локација за подготовки на македонските национални одбојкарски тимови.
Традицијата А селекцијата да се подготвува пред ЕвроВолеј во Крушево беше задржана и оваа година, а паралелно со нив шанса да ја темпираат форма имаа и младинските репрезентативци.
Случајност или не, тројца крушевчани стојат како предводници на националните тимови во моментов, селекторот на А репрезентација Јошко Миленкоски, неговиот прв асистент Кристиан Ристески и предводникот на У20 селекцијата, Јован Шапе.
Тројцата потекнуваат од славната крушевска школа, од редовите на “Нико Доаѓа” и “Синалко”, за години подоцна основите да ги пренесуваат на идните генерации.
Миленкоски или како што многумина му се обраќаат “Профа” водени од позицијата и на универзитетски професор и најтрофеен македонски одбојкарски стратег е главниот менторот кој ги дава насоките и ја координира работата меѓу искусните и младите, чие време доаѓа.
Не само играчки, туку и тренерски се “кова” следната генерација, па покрај Ристески и Шапе кои треба да ја продолжат славната крушевска традиција поставена од Миленкоски, во овој “тим” се и Атанас Милев и Васе Михаилов, кои се дел од стручниот штаб на сениорите.
“Крушево е центар на одбојката и успесите ” – милува да каже Миленкоски, а надежта е дека од тој центар по одличните подготоки успесите ќе се испреплетат во приказните на националните тимови.