Фото: Одбојкарска федерација на Македонија/Роберт Спасовски
Женската сениорска репрезентација на Македонија запиша историска победа, откако вечерва со 3:0 (25:16, 25:19, 25:15) го победи Луксембург во првиот натпревар од турнирот во Струмица во ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025.
За дамите ова е прва европска радост по пауза од 17 години, со оглед на тоа дека последен пат победиле во октомври 2008 година кога во рамките од претквалификациите за ЕП 2009 во СРЦ „Кале“ во Скопје беа подобри од Исланд со 3:1.

Нашите одбојкарки одиграа одличен натпревар – мирно, мотивирано и со една цел – триумф! Имаа добро отворање и водство од 9:6 и 10:7, но дозволија низа технички грешки и Луксембург дојде до прво водство 10:11. По тајм-аутот на селекторот Стефан Пауновиќ, Македонија ја врати предноста 14:11, а како пресудна се покажа сервис серијата на Теа Терзиевска од 6-0 за 20:12, која потоа одбојкарките ја претворија во 25:16 и водство од 1:0 во сетови.

Се потврди дека Луксембург е ривал со кој нашите одбојкарки може да се справат, па така и во вториот сет неизвесно беше само во воведните минути, а потоа Симона Стојаноска застана на сервис и со поддршката од соиграчите, кои беа сигурни на мрежата Македонија направи висока предност 17:10, односно 25:19 за 2:0.

Во третиот сет јасно беше дека противникот нема што да бара. Пауновиќ им даде шанса на сите кои ги имаше во составот и секоја придонесе за победата. Со 25:15 сениорките запишаа максимална победа, која има предзнак и историска.

Терзиевска ја предводеше репрезентацијата со 14 поени, следена од Ана Фасулева со девет поени, Тамара Стојанова имаше осум, додека Симона Стојаноска шест.
Утре Македонија е слободна, додека Луксембург од 20 часот ќе се соочи со Швајцарија во рамките од 2. коло. Нашите одбојкарски в недела, од 20 часот, играат против Швајцарија на последниот ден од турнирот.