Порази за Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ во ЦЕВ Челинџ купот

Двата македонски женски претставници во ЦЕВ Челинџ купот сезонава, шампионот Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ со порази го започнаа настапот во европските клупски купови.

Работнички Скопје со 0:3 (17:25, 15:25, 17:25) загуби од грчки Заон Кифисиа во првиот натпревар од првото коло. Во мечот кој го играа во Атина одбојкарките на македонскиот првак се потрудија да му парираат на ривалот, а тоа најдобро им успеја во вториот сет кога играа рамноправно 8:8, 12:12. Следуваше серија на домаќинот, кој поради силниот сервис и подобрата реализација на мрежата стигна до водство од 2:0, а потоа и се радуваше на максимална победа.

Кариа Трифуновска со осум поени и Тамара Атанасова со седум беа најефикасни во редовите на нашиот првак.

Реваншот се игра на 3 ноември од 19 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Одбојкарките на Јанта Волеј КВ, пак, пред домашната публика во Куманово, со 0:3 (17:25, 6:25, 15:25) загубија во првиот дуел со чешка Прага. Дестини Нелсон со осум поени и Сидни Мур со пет поени беа најефикасни.

Реваншот се игра 4 ноември во Прага.