Јонузи и Милевска со настап во ЦЕВ Челинџ купот

Македонските репрезентативки и интернационалки, Ерјона Јонузи и Андротеа Милевска со своите нови клубови в четврток ќе настапуваат во првото коло од ЦЕВ Челинџ купот.

Организаторот на играта Јонузи и словачкиот првак Слован Братислава на почетокот на европската агенда се соочуваат со црногорски Будуќност Подгорица. Првиот меч го играат на домашен терен во „Гопас“ салата во Братислава. Како „загревање“ за Европа, Јонузи и нејзиниот тим имаат одличен настап во националното првенство со серија од пет победи во исто толку натпревари од стартот на сезоната.

Коректорот Милевска, пак, од оваа сезона го носи дресот на романски ЧСМ Букурешт и исто така в четврток, но на гости во Атина, ќе се соочи со Панатинаикос на отворањето на европските возбудувања во ЦЕВ Челинџ купот. Романскиот шампионат стартуваше пред три недели, а ЧСМ во првото коло загуби од Волунтари со 3:1, додека во второто беше слободен. ЧСМ запиша пораз од 3:0 од Констанца во првиот меч од првото коло од романскиот Куп.

Од македонските интернационалки активна е и Ана Фасулева, која настапува за албанскиот клуб Тирана. Фасулева и Тирана имаат „три од три“ победи (3:2, 3:0, 3:1) во албанскиот шампионат, последната во дербито со Динамо викендов.