Женскиот сениорски национален тим на Македонија ќе се соочи до добро познати противници во новото издание од Европската лига во 2027 година, откако ЦЕВ ги објави распоредите и термините на одигрување на трите турнири, кои истовремено се и дел од квалификацискиот процес за ЕвроВолеј 2028.
За дамите Евро-лигата 2027 започнува со гостување во Азербејџан од 4 до 6 јуни следната година, каде на 4 јуни ќе играат со Азербејџан, додека ден подоцна за ривал ја имаат Швајцарија. Со Азербејџан, Македонија играше и во ланското издание од Европската лига, додека Швајцарија ја имавме за противник во 2025 година.
На вториот турнир, од 11 до 13 јуни, Македонија втора година по ред ќе игра во Шпанија, каде покрај организаторот, ќе игра и со Романија (противник со кој последно се соочи во 2023 година)
Најдобрите македонски одбојкарки ќе бидат домаќинки на последниот, трет турнир, кој ќе се игра од 18 до 20 јуни. Прво го пречекуваат Исланд, додека на 20 јуни се соочуваат со Луксембург, противник против кој славеа со 3:0 во Струмица минатата година.
Пласман на ЕвроВолеј 2028 во женска конкуренција имаат обезбедено европскиот првак Турција, како и Шпанија и Словачка кои се потврдени организатори. Дополнително ќе бидат познати и имињата на другите двајца ко-организатори кои ќе имаат обезбеден билет. Најдобрите четири селекции од Европската лига 2026: Шведска, Словенија, Унгарија и Словачка исто така имаат потврдено учество. Со оглед на тоа дека Словачка како домаќин веќе има сигурно учество, се ослободува едно место.
Листата патници на ЕвроВолеј 2028 ќе биде комплетирана со четирите најдобри репрезентации од Европската лига 2027 година, додека преостанатите 12 места ќе бидат распределени според ЦЕВ-ранкингот по завршување на Европската лига 2027, како и ФИВБ Лигата на нации 2027.
ЕВРОПСКА ЛИГА 2027 ЖЕНИ
ПРВ ТУРНИР – Азербејџан 04-06.06.2027
04.06 – Македонија – Азербејџан
05.06 – Швајцарија – Македонија
ВТОР ТУРНИР – Шпанија 11-13.06.2027
11.06. – Македонија – Шпанија
12.06. – Романија – Македонија
ТРЕТ ТУРНИР – Македонија 18-20.06.2027
18.06 – Исланд – Македонија
20.06. – Македонија – Луксембург