Најдобрите македонски одбојкари по четвртипат во низа, во историјата, ќе учествуваат на Европското првенство 2026. По премиерата во Љубљана во 2019 година Македонија може да се пофали со континуитет на континенталните собири, односно избори учество и на ЕП 2021 во Тампере, Финска, а потоа беше ко-домаќин на ЕП 2023 кога во Скопје се играа дел од натпреварите во групната фаза.
Македонските одбојкари од 9 до 17 септември како дел од групата Б во Софија, заедно со домаќинот Бугарија, Полска, Украина, Португалија и Израел ќе игра во групната фаза на ЕвроВолеј 2026.
Покрај Македонија, Португалија – која ни е ривал и во групата, испишува идентичен успех, односно по четвртипат пласман во низа на континентален собир.
Во продолжение уште интересни бројки и факти во пресрет на ЕвроВолеј 2026.
- 34. издание на ЦЕВ Европското првенство ќе се одржи од 9 до 26 септември 2026 во организација на Италија, Бугарија, Финска и Романија;
- Ова е четврто ЕП откако е воспоставен системот на повеќе организатори (првпат во 2019 година);
- 24 репрезентации поделени во четири групи по шест екипи ќе играат во групната фаза (9 – 17 септември), низ пет европски градови: група А – Наполи/Модена, Италија, група Б – Софија, Бугарија, група Ц – Тампере, Финска и група Д – Клуж, Романија;
- Финалето ќе се игра на 26. септември во „Унипол Форум“ арена (капацитет од 12.800 седишта) во предградието на Милано, Асаго, во Италија;
- Европскиот првак од ЕП 2026 ќе обезбеди директен пласман на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес;
- Првите три репрезентации на ЕвроВолеј 2026 ќе обезбедат учество на ФИВБ Светското првенство 2027 во Полска;
- Првпат по ЕП 1967 четирите полуфиналисти од последното СП 2025 (Италија – злато, Бугарија – сребро, Полска – бронза и Чешка – четвртопласирана) ќе учествуваат на ЕвроВолеј 2026;
- Италија е последната репрезентација на која и успеало истовремено да биде и светски и европски првак. Италијанците го освоија СП во 1998 година, а потоа во 1999. стигнаа и до европскиот трофеј.
Продолжува…