Машката селекција на одбојкари до 20 години утринава отпатува за Софија, Бугарија, каде од утре до 29 август ќе игра премиерно во БВА Зонските квалификации за Европското првенство 2027.
По тринеделни подготовки во Крушево, каде првите десет дена репрезентацијата работеше паралелно со националниот А тим, селекторот Јован Шапе донесе одлука кои 14 момци ќе добијат шанса во натпреварување, кое ќе носи големи предизвици, особено поради тежината на ривалите со кои се соочуваат.

Македонија за конкуренти ги има домаќинот Бугарија, Србија и Турција, како и Русија и Белорусија кои добија „зелено светло“ од ЦЕВ преку БВА да го бараат патот до континенталниот собир во оваа возрасна категорија.
„Свесни сме за силината на противниците со кои се соочуваме и за нашата позиција на аутсајдери во ова натпреварување. Ние градиме една млада репрезентција, создаваме костур кој ќе може во иднина да премине во А селекцијата. Имаме систем на работа и иако не сме на нивото на нашите ривали, тоа не не спречува да се бориме за секој поен. Имавме одлични подготовки во Крушево. Фактот дека трениравме заедно со А националниот тим, дека дел од момците можеа да видат каков е пристапот и начинот на работа на нивните идоли позитивно влијаеше на комплетниот тренажен процес. Одработивме квалитетни тренинзи со дисциплиниран и сериозен пристап. Премиерно оваа генерација ќе игра во едни вакви квалификации и работевме на тоа како да играме паметно. Знаеме со што ќе се соочиме, со висок блок, со силен сервис и силен напад, па работевме на тактика, на тоа како да бидеме мирни и да играме со глава, да не му подаруваме поени на противникот и да понудиме жар и борба на теренот. Примарно е она што го работевме да го покажеме на теренот, да собереме искуство и да не дозволиме да бидеме лесен плен“, заклучува селекторот Јован Шапе.
Македонија утре, во првото коло ќе се сретне со домаќинот Бугарија од 17:30 часот. Во второто коло, ден подоцна, од 15 часот, нашата репрезентација за противник ќе ја има Белорусија. Во истиот термин на 27 август, пак, играме со Србија. На 28 август од 20 часот ќе ги измериме силите со Русија, додека во последното коло од 17:30 часот ќе се соочиме со Турција.