По поразот од Турција на отворањето на Медитеранските игри во Таранто, женската сениорска репрезентација на Македонија загуби и од Косово со 1:3 (28:30, 17:25, 25:19, 16:25) во второто коло од групната фаза.
Големите осцилации во нашата игра, проблемите со приемот и играта во поле, како и отсуството на активен блок беа причините што Македонија по третпат летово губи од овој противник и тоа со ист резултат, откако претходно загубивме на двапати од Косово со 3:1 во пријателските натпревари од подготовките за Европската лига 2026.
Убаво влеговме во дуелот и имавме предност од два поени се до 10:8. Косово успеја да изедначи на 10:10, односно 11:11, а потоа имавме проблеми со играта во поле поради која противникот направи серија од 0-3 за прво водство од 11:14. Проработе нашиот блок во вистински момент и Ковачевиќ и Стојкоска донесоа изедначување 15:15, 17:17. Нова серија на соседот му донесе предност од 17:20 во пресрет на завршницата. Но, Ковачевиќ не дозволи посериозно да се „одлепи“ ривалот и прво со поен, а потоа и два ас сервиси ја предводеше Македонија во серијата од 4-0 со која се изборивме за пресврт 21:20. Осцилациите во играта во поле му оставија простор на Косово да стигне до сет-топка, 22:24, но преку Атанасова и Балов повторно се вративме на 24:24. Во нервозната игра поен за поен, Македонија имаше една сет-шанса која не ја искористи, додека Косово со 28:30 стигна до предност од 0:1.
Вториот сет го стартувавме лошо, како да бевме разочарани по загубениот прв сет на разлика. Косово тоа го искористи за високи 1:5. Селекторот Милош Гавриловиќ реагираше и брзо ги искористи двата тајм-аути, а тоа го искористи Милевски и со серија од 4-0 не врати на 6:6. Продолживме со „падни-стани“ играта и имавме проблеми со приемот и со играта на мрежа, недостасуваше блокот за да го запре противничкиот напад и Косово стигна до највисоки 10:19. Се обидовме со мини-серии да ја стабилизираме играта, но неуспешно, а противникот со 17:25 веќе имаше водство 0:2.
Ниту во третиот сет не влеговме добро. Имавме негатива од два поени. Најдовме решение во полето, го стабилизиравме приемот, а со тоа и играта на мрежа се подобри. Милевска и Ковачевиќ со поддршка на Атанасова и Стојкоска ни донесоа сериозна предност од 11:4, односно 12:6 во средината на третиот сет. Нова криза имавме во овие моменти и Косово намали на 15:12, но се разбудивме на време за 20:14, односно 24:17. Третата сет топка ја искористивме за да намалиме на 25:19, односно 1:2 во сетови.
По третиот сет како да се распаднавме. Само во воведот 2:2 и 5:5 бевме рамноправни, а потоа ништо не функционираше во нашите редови. Премногу грешки и во полето и на мрежата, без вистински одговор за играта на Косово и со повремени индивидуални блесоци не можеше да се направи повеќе. Со високи 16:25, Македонија загуби со 1:3.
Во нашата репрезентација Андротеа Милевска со 20 поени беше лидер, следена од Љиља Ковачевиќ со 15, односно Тамара Атанасова со 10 поени, додека Ива Стојкоска запиша девет поени.
Следниот, трет, натпревар на Медитеранските игри во Таранто, Македонија го игра в среда од 19 часот, против Грција.