Последниот македонски претставник на европската сцена во сезоната 2025/2026, вице-шампионот Штип УГД, утре попладне (17:30 часот) во „Центро Павеси“ во Милано, го игра реваншот со Алијанц Милано, во рамките од 1/16 финалето од Челинџ купот.
Штип УГД на првиот меч во Радовиш пред неполн месец загуби во три сета од фаворизираниот италијански противник, а на ова гостување ќе биде без главниот стратег Кристијан Ристески, кој поради здравствени причини нема да биде на клупата.
„Испишавме клупска историја со пласманот во 1/16 финалето од Челинџ купот. Јасно е дека Милано е фаворит, тоа го потврди и на првиот меч, а во реваншот нашиот тим ќе се потруди да понуди што е можно поквалитетен отпор и да одиграме најдобро што можеме. Не сме оптоварени резултатски“, потенцира Ристески во пресрет на дуелот.
На премиерата на европската сцена штипскиот состав до главната фаза од Челинџ купот стигна откако преку „златен сет“ го елиминираше норвешки Кол Ил.