Вториот македонски женски претставник сезонава во европските клупски купови, тимот на Наковски Волеј, попладнево, 18 часот, на гостински терен, ќе се соочи со чешка Острава во квалификациската рунда од Челинџ купот.
Откако ланската сезона струмичкиот тим го освои Купот на ОФМ и стигна до првата титула во клупската историја, сега оди чекор понапред, односно ќе се проба на меѓународната сцена. Тимот на Александар Митев е млад, но амбициозен и ќе се обиде да приреди изненадување.
„Прв натпревар за нашиот клуб, а и за најголем дел од девојките во екипата, во европски клупски купови. Мојот тим има скромно меѓународно искуство преку настапите на младинските селекции на Балканијадите и во сениорската репрезентација на Македонија. За противник имаме екипа која доаѓа од држава во која одбојката е многу понапредна отколку кај нас. Ќе се обидеме да се покажеме во најдобро светло, да ја играме нашата најдобра игра и да уживаме. Секако, ќе се обидеме и да ја искористиме секоја шанса која ќе ни се пружи за да го изненадиме ривалот“, потенцира тренерот на Наковски Волеј, Александар Митев.
Дуелот меѓу Острава и Наковски Волеј се игра во 18 часот, во салата „Варенска“ во Острава.