Нов интернационален предизвик: Лука Костиќ во кипарски Анагениси Дериниа
Македонскиот репрезентативец Лука Костиќ во новата сезона ќе има нов интернационален предизвик, како играч на кипарскиот прволигаш Анагениси Дериниа. Одбојкарот и клубот се обврзаа на едногодишна соработка.
Костиќ е четвртиот интернационалец во редовите на Анагениси Дериниа, а во дресот на новиот клуб ќе дебитира викендов, кога стартува кипарскиот шампионат.
„Со Дериниа се договоривме на едногодишна соработка. Веќе одработив неколку тренинзи со екипата и одлично сум прифатен од соиграчите. Има убава атмосфера за работа и убава енергија. Екипата е комбинација од млади и искусни играчи. Официјално сезоната стартува викендов и се надевам дека ќе биде успешна“ – изјави Лука Костиќ.
Кипарскиот тим го претстави нашиот репрезентативец како „искусен играч, кој со својата сила и желба за победа треба да биде додадена вредност на екипата“.
Примачот може да се пофали дека отвара ново поглавје во интернационалната кариера откако минатата сезона настапуваше во клубот Босна во првенството на БиХ, претходно беше дел од српска Рибница Краљево, Марек Дупница од Бугарија, како и црногорскиот тим Будуќност од Подгорица. Тој потекнува од скопски Вардар, додека во македонското првенство има настапувано и за Џио Струмица и за ГОК Борец од Велес.
Костиќ имаше активно лето со националниот тим и имаше одличен настап во Европската Златна лига, како и во квалификациите за Европското првенство 2026, во кои Македонија се избори за четврто учество во низа на континенталните собири.