Женската А репрезентација на Македонија, денеска во 20 часот по македонско време во салата „Дал Сандур“ се соочува со Фарски Острови, домаќинот на вториот турнир од ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025.
По вчерашното целодневно патување македонските одбојкарки синоќа пристигнаа на островот, oдработија два тренинзи и успеаја да ги консолидираат силите од долгиот пат. Расположението е позитивно, подготовките течат според посакуваното, а желбите се нова победа.
„Победнички го отворивме ова издание од Сребрената лига и тоа е дополнителен мотив за нас на секој натпревар. Можеби импресиите од историскиот успех се одразија на нашата игра и бевме далеку од потребното ниво во дуелот против Швајцарија. Изминативе денови ги анализиравме многу двата тотално спротивни натпревари кои ги одигравме во Струмица, успеавме целосно да се консолидираме и создадовме една слика за тоа како сакаме да настапиме против Фарски Острови. Ова е противник со кој досега се немаме соочено, но од информациите кои ги имаме за нив и од видео-анализите констатиравме дека се тим со кој може да се надигруваме. Тие ќе ја имаат предноста од домашниот терен, но доколку ние квалитетот со кој располагаме го презентираме на терен и одиграме на високо ниво може да се надеваме на позитивен резултат“, потенцира средниот блокер Симона Стојаноска.
Распоредот на Македонија вели дека в сабота, пак, ќе се соочат со ривал, кој одлично го познаваат – Австрија, со оглед на тоа дека тој им е и противник во евро-квалификациите, а и еден од фаворитите за освојување на Сребрената лига.
„Фокусот ни е на првиот дуел со Фарски Острови, со оглед на тоа дека во вториот меч се соочуваме со за нас добро познат противник – Австрија. Австријките се фаворити, тоа го потврдуваат и досегашните меѓусебни дуели, а и тие заедно со Швајцарија се главни кандидати за освојување на Сребрената лига. Секако, нема да влеземе со бело знаме во мечот – напротив ќе дадеме сè од себе. Се надевам дека ќе не потценат и ќе успееме да ги изненадиме и така во победничка низа ќе може да влеземе во последниот викенд турнир кој повторно го играме во Струмица“, заклучува Стојаноска.
Македонија по првиот викенд има скор од една победа и еден пораз, додека Фарски Острови претрпеа два порази од Летонија и Израел.