Судиската организација при Одбојкарската федерација на Македонија од денеска до недела во хотелот „Амбасадор“ во Скопје организира „Национален курс за развој на млади судии“, кој е наменет за унапредување на млади судии.
Главен предавач на семинарот е ФИВБ инструкторот Зорица Бјелиќ од Србија, истакнат меѓународен судија и актуелен судиски делегат, со долгодишно искуство во судиска едукација, обучувач на највисоко ниво и редовен предавач на светските и европските судиски семинари.

Претседателството на Судиската организација се потруди овој семинар да биде на ниво на меѓународен курс и на десетте судии кои ќе учествуваат на истиот да им овозможи едукација на европско ниво.
Првите три дена од семинарот ќе минат во теоретски предавања, кои ќе финишираат со тестирање, додека за в недела е предвидена практична сесија и усмен испит.
Судиската организација при ОФМ останува доследна на својот план, најмалку двапати во сезоната да има семинари за нејзините членови.