По едномесечна пауза викендов стартува пролетниот дел од првенството од сезоната 2025/26 во Првата и Втората женска лига.
Прволигашкото друштво продолжува со вториот дел од регуларниот дел на првенството, односно 10. коло во кое главното внимание ќе биде насочено кон дуелот меѓу дебитантот Газели Волеј, кој како третопласиран на табелата го заврши првиот дел од сезоната, и актуелниот лидер и досега непоразениот тим на Наковски Волеј. Првиот меѓусебен дуел во Струмица финишираше со максимална победа на Наковски. „Газелите“ покажаа дека знаат да ги изненадат фаворитите во првенството, а токму на тоа се надеваат и утрешниот меч, кој се игра во салата „Форца“ во Скопје (19:30 часот), а кој ќе има и директен ТВ пренос на МРТ3.
На почетокот на вториот дел уште се соочуваат Вардар ЕМ – Ускана, Фит Фан Волеј и Младост УГД, како и Струмица жени со Работнички Скопје. Десеттото коло ќе биде затворено в вторник кога актуелниот шампион Јанта Волеј го пречекува Пелистер Волеј.
Екипите кои ќе се пласираат од првото до осмото место на табелата по завршувањето на регуларниот дел од сезоната ќе обезбедат пласман во четвртфиналето на плеј-офот. Деветтопласираниот тим игра бараж со второпласираната екипа од Втора лига жени за задржување на прволигашкиот статус, додека последнопласираната екипа на табелата директно преминува во понизок ранг на натпреварување во следната сезона.
Втората лига жени исто така продолжува со вториот дел од регуларното првенство, каде Фламинго Волеј како непоразен сигурно чекори кон обезбедување на статус на прволигаш во следната сезона. Сепак, Вардар жени и Форца Волеј ЕМА, се конкурентите кои ќе се обидат да ги расипат таквите планови во престојните кола.
Во второлигашката конкуренција, по одигрување на 12. кола од пролетниот дел првопласираната екипа обезбедува директен пласман во Првата лига – жени во сезоната 2026/27. Второпласираниот тим игра бараж натпревар со деветтопласираната екипа од Прва лига – жени за влез во поквалитетното друштво.