Македонскиот вицешампион Штип УГД настапот во Европа сезонава го заврши во 1/16 финалето од Челинџ купот откако попладнево во реваншот со 3:0 (25:18, 25:19, 25:17) загуби од Алијанц Милано на гостински терен.
Италијанскиот претставник уште еднаш ја потврди фаворитската улога и со триумф во три сета се најде во осминафиналето, додека Штип УГД го заврши премиерното учество во европските клупски купови.

Штипскиот состав во реваншот настапи без главниот стратег Кристијан Ристески, кој поради здравствени причини мораше да го пропушти патувањето.
Одбојкарот на Штип УГД, Махди Задмард со 13 поени беше најефикасен играч на натпреварот, додека Стојан Илиев реализираше шест, а Стефан Алексов постигна пет поени.