Македонскиот шампион Струмица 47&72 по елиминацијата од квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите, европските предизвици ги продолжи во ЦЕВ купот. Во првиот натпревар од првата рунда во второто по квалитет европско клупско натпреварување струмичани загубија со 3:0 (25:18, 25:12, 26:24) на гостувањето во Чешка, кај Јихострој Чешке Будејовице.
Комбинацијата од младост и искуство во составот на Струмица понуди достоен отпор, но без шанси за изненадување. Македонскиот тим имаше шанси да му одземе сет на ривалот, во последниот период од играта, но загуби на разлика 26:24.

Најефикасен во редовите на Струмица 47&72 беше репрезентативниот среден блокер Филип Маџунков со 10 поени. Младиот Јован Милев запиша девет поени, додека Владо Милев и Кристијан Илијев освоија по шест.
Реваншот се игра на 19 ноември во 19 часот во салата “Парк” во Струмица.