Одбојкарките на Наковски Волеј попладнево, 19 часот, во салата „Парк“ во Струмица ќе го пречекаат чешкиот тим Острава во реванш натпреварот од првото коло од ЦЕВ Челинџ купот. Ова ќе биде прв натпревар во Европа, за една женска струмичка екипа по пауза од 20 години.
За струмичката екипа ова е дебитантски настап во европските клупски купови, кој го стартуваше на гостински терен во Чешка каде загуби во три сета. Противникот според прикажаното на првата средба е апсолутен фаворит, но одбојкарките на Александар Митев се надеваат дека во премиерниот европски настап пред својата публика ќе понудат посилен отпор и поквалитетна одбојка.
„Противникот е фаворит, но по првиот натпревар добивме појасна слика за нивната игра и квалитет и добро знаеме во кои елементи треба да ја подобриме играта за да може да им парираме. Верувам дека во реваншот ќе прикажеме многу подобра и поорганизирана игра на теренот. Фактот дека за нас ова е прв европски натпревар на домашен терен што е голем мотив за целата екипа. Чувството да се настапува пред својата публика е посебно и ни дава дополнителна енергија и желба да се докажеме“, вели репрезентативката во редовите на Наковски Волеј, Лиља Ковачевиќ.
Билетите за натпреварот се во продажба по симболична цена од 100 денари, а поддршката е неопходна за младите одбојкарки на Наковски Волеј.