Бошковска: МВП наградите се на целиот тим, за борбеноста, пожртвуваноста и истрајноста!
Македонскиот женски првак Јанта Волеј Кисела Вода испиша историја со пласманот во третата рунда од квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите. Дебитантот не само што успешно ја мина првата пречка, претставникот од БиХ, Гацко, со две победи со 3:2, туку во своите редови ја имаше и најдобрата одбојкарка на двата дуели – репрезентативката Мери Бошковска.
Екипата денеска се врати дома и ќе се обиде да ги скроти емоциите со оглед на тоа дека веќе викендов ја очекуваат обврските во националното првенство, но и во продолжението од елитното натпреварување пред тимот стои уште посериозен предизвик. Сепак, имаат премногу причини да бидат горди и задоволни.
„Многу ме радува големата победа над Гацко и на гостински терен, и пласманот во следнатa рунда од квалификациите за Лигата на шампионите. Чест ми е што бев прогласена за најкорисен игрaч и на двата натпревари. Иако се работи за индивидуална награда, јас на неа гледам како признание за целиот тим, за нашата борбеност, пожртвуваност и истрајност. Покрај осцилациите во играта и тешките моменти со кои се соочивме, покажавме карактер и успеавме да испишеме историски успех за македонската женска клупска одбојка“, потенцира лидерот на Јанта Волеј КВ, Мери Бошковска.
Француски предизвик, Волеро ле Кане е ривалот со кој македонскиот шампион ќе се соочи во следната фаза од Лигата на шампионите.
„Голем предизвик за нас ќе биде двомечот со француската екипа Волеро ле Кане. Се работи за екипа со исклучително квалитетен ростер, со многу странски играчи. Ќе пробаме да го извлечеме максимумот од нас и да уживаме во секој момент на теренот во тие дуели“, завршува коректорот на Јанта Волеј КВ.
Натпреварите со Волеро ле Кане во третото коло од ЛШ, Јанта Волеј КВ ги игра во средината на ноември, односно првиот меч е на гостински терен на 13 ноември, додека реваншот е една недела подоцна во Скопје.