Судиската организација на Одбојкарската федерација на Македонија успешно го комплетираше дводневниот Редовен годишен семинар за судии и делегати, кој викендов се одржа во Охрид.
Во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2025/2026, ФИВБ инструкторот Зорица Бјелиќ, која беше главен предавач на семинарот имаше одлични предавања каде акцентот беше ставен на петте промени во одбојкарската игра кои ќе применуваат во новата сезона.
За ова предавање СО и ОФМ имаа испратено отворен повик и до домашните тренери за присуство на семинарот, со цел и судиите и тренерите да добијат соодветна едукација за имплементирањето на новите правила и тоа да донесе подобра соработка меѓу нив во првенствените натпревари, но одзивот на стратезите беше прескромен.
Продуктивниот семинар со одлична интеракција, го обележа и присуството на 12 нови кандидати судии, кои успешно го минаа филтерот и ќе дебитираат во новата сезона.
Судиите и делегатите подлежеа и на задолжително тестирање без кое не може да се стартува сезоната. Членовите на СО кои го пропуштија семинарот ќе подлежат на санкција согласно одлуката на Претседателство на Судиска организација.