Двајца од тројцата македонски претставници во третото по квалитет европско клупско натпреварување Челинџ купот сезонава ќе дебитираат на меѓународната сцена, а Европската одбојкарска конфедерација во договор со клубовите ги дефинираше термините за одигрување на натпреварите.
Освојувачот на Купот 2025 кај мажите, УГД Штип премиерата во Европа, односно првиот натпревар од квалификациите во Челинџ купот го игра на гостински терен кај Кол ИЛ на 12 ноември во 19 часот во салата „Крингсјахале“ во Осло. Реваншот, пак, ќе се игра на 19 ноември, од 19 часот, кога УГД Штип ќе го пречека норвешкиот претставник во салата „25 Мај“ во Радовиш.
Наковски Волеј, пак, дебито на европско тло, ќе го има на 29 октомври, во 18 часот, во салата „Варенска“ во Острава кога му гостува на чешкиот ривал ТЈ Острава во првото коло од Челинџ купот. Возвратниот меч ќе се игра на 5 ноември, од 19 часот, во СЦ „Парк“ во Струмица.
За разлика од останатите европски претставници одбојкарките на Работнички Скопје се единствените кои двата натпревари ќе ги одиграат на гостински терен, односно во Естонија. Во договор со неговиот противник РАЕ Спортдикол, Работнички Скопје првиот меч ќе го одигра на 4 ноември во 18 часот по македонско време кога ќе ја има улогата на домаќин. Вториот дуел се игра ден подоцна, во истиот термин (18 часот). Двата натпревари се играат во салата „Рае Спортдикомплекс“ во Јури.